Дијалогот Вашингтон – Киев продолжува
Вашингтон и Киев на нова рунда разговори овојпат во Саудиска Арабија. Шефот на Белата куќа верува дека Украина е подготвена да ги прифати американските барања, а војната треба да заврши што е можно поскоро. И додека на фронтот борбите продолжуваат, од Кремљ соопштија дека и САД и меѓународната заедница чекаат Киев да покаже желба за мир. Во меѓувреме Русија обвини двајца британски дипломати за шпионажа и им нареди да ја напуштат земјата.

Дијалогот Вашингтон – Киев продолжува. Американскиот државен секретар Рубио, советникот за национална безбедност Волц и пратеникот за Блискиот Исток, Виткоф, во Саудиска Арабија, на билатерални разговори со Украинците. Украинската делегација ја предводи Јермак, главен помошник на претседателот Зеленски. Во Саудиска Арабија на средба со саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман ќе биде и украинскиот претседател, но нема да присуствува на разговорите со американските официјални лица. Шефот на Белата Куќа верува дека Украина е подготвена да ги поддржи американските барања за склучување примирје со Русија и за договорот за минерали. Трамп нагласи дека војната треба да заврши што е можно поскоро, поради економските и хуманитарните последици.
„Многу луѓе загинаа оваа недела, како што знаете, во Украина, не само Украинци, туку и Руси. Мислам дека сите сакаат да видат како се завршува тоа. Ќе направиме напредок, верувам, оваа недела. Сакаме да направиме се што можеме за да ја натераме Украина да биде сериозна во намерата да го заврши ова“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Претходно во февруари Рубио се сретна со рускиот колега, Лавров, што беше прва средба на официјални лица од Вашингтон и Москва по почетокот на конфликтот во Украина. По вербалната конфронтација, која ја симболизираше дипломатската промена во Вашингтон, помеѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа кон крајот на февруари, украинскиот претседател на церемонија во Киев се пошегува за неносењето костум.
„Еден ден во иднина, јазикот на уметноста ќе се користи за да ни каже за новите времиња во Украина, за мирна, силна, безбедна, независна Украина. Зашто делата на доброто ќе се обноват, делата на злото ќе исчезнат. Уште еднаш им честитам на годинашните победници и уште еднаш им благодарам на сите украински уметници, извинете што не сум во костум“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ соопшти дека САД и меѓународната заедница чекаат Киев да покаже желба за мир, а телефонските контакти меѓу Трамп и Путин не се толку чести. Било разговарано еднаш, но доволно конструктивно за да почнат да се решаваат проблемите. Во меѓувреме Русија обвини двајца британски дипломати за шпионажа и им нареди да ја напуштат земјата.
„Не е важно што чекаме. Она што е важно е што чекаат САД. Слушнавме изјави на многу различни нивоа дека САД чекаат Украинците да ја покажат својата желба за мир. Сите го чекаат ова. Дали членовите на режимот на Зеленски навистина сакаат мир или не – ова, се разбира, е многу важно и треба да се утврди“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
На фронтот продолжуваат битките, соборени над 130 беспилотни летала. Руските сили направија дополнителен напредок во регионот Курск откако вчера зазедоа уште три населби, а специјалните сили поминаа 15 километри низ гасовод во близина на градот Суџа.
Маријана Димовска
