Европа

Штрајк на аеродромите во Германија, откажани летови

10.03.2025 17:39

Германскиот синдикат на аеродромските работници на штрајк. Околу 3.400 летови се откажани. Штрајкот се одржува во екот на годишните преговори за платите и условите за работа на аеродромите...

Хаос на аеродромите во Германија. Синдикатот на аеродромските работници почна со 24-часовен предупредувачки штрајк по неуспехот во вториот круг преговори за колективниот договор за труд. Околу 3.400 летови се откажани. 13 аеродроми парализирани, вклучувајќи ги и најголемите центри во Франкфурт и Минхен. Синдикатот се надева дека на овој начин ќе успее да изврши притисок и да го добие бараното зголемување на месечните плати за работниците за 8 насто, односно најмалку 350 евра.

„Се надевам дека ќе добиеме разумна понуда. Очекуваме корекции за плати во јавниот сектор, условите за работа и за безбедноста на авиосообраќајот. Колегите денеска штрајкуваат и очекуваме работодавачите да направат отстапки. Ако имаме разумна понуда и можеме да постигнеме договор, сето ова ќе биде готово“, изјави Матијас Венема од синдикат „Верди“.

Заглавените патници на аеродрoмите, нервозни и бесни. Дел од нив ја разбираат легитимноста на штрајкот, но не го криеја разочарувањето поради неизвесниот исход од чекањето.

„Ова е дрско и бесрамно однесување кон сите патници кои утрово се блокирани овде и воопшто не знаат како да продолжат понатаму“, изјави Фреди Шмит, патник.

„Разбирам кога штрајкуваат, што сакаат и за што се борат, но тешко е кога си зависен од летот и треба да организираш сè“, изјави патничка од Колорадо Спрингс, САД.

„Требаше да тргнеме во 9:30 часотНо, не успеавмеСега седиме овде, се обидуваме да ги сочуваме нервите за да не полудимеЧекаме да видиме дали ќе ни успее“, изјави патничка од Хамбург.

Во штрајкот се вклучени околу 5.000 државни и локални аеродромски работници и 23.000 други даватели на услуги за воздушен транспорт. Тие велат дека ги разбираат патниците, но дека ова е единствен начин за разумен договор.

„Знаеме дека тоа е огромен товар за патниците. Но, мораме да штрајкуваме за да добиеме разумна понуда за преговори“, изјави Ларс Стубе од синдикат „Верди“.

Следната рунда преговори е закажана за 26-ти и 27-ми март. Федералната асоцијација на компании за безбедност на авиокомпании силно ги критикуваше штрајковите, сметајќи ги како доказ за претерувања на синдикатот.

 

Бојана Крстевски