Здравство

Паркингот на Клинички центар и натаму горлив проблем за пациентите

10.03.2025 16:41

Цела вечност – ова е главниот одговор за времето на луѓето кои бараат место на паркингот на Клиничкиот центар. Пациентите доцнат на закажани прегледи. Министерот за здравство Таравари вели дека нема ништо спорно во тендерот за јавно-приватно партнерство на кој се јави само една компанија.

Граѓаните бараат паркинг и по еден час, пациентите доцнат на закажани прегледи. Непрописно паркирани автомобили секојдневна слика во Клиничкиот центар. Надлежните калкулираат со тендерот за изградба на катните гаражи кои треба да го решат сообраќајниот метеж.

Според министерот за здравство Таравари, нема ништо спорно во тендерот за јавно-приватно партнерство на кој се јави само албанската компанија „Ѓока констракшн“ вели, треба да го помине и владиниот филтер и да се одлучи дали ќе се потпише или ќе се поништи. Доколку се објави нов повик, според Таравари, ќе помине уште една година.

„Ако некому му пречи името на компанијата, мислам дека не е во ред. Меѓутоа многу ми значи гласот на јавноста. Потоа ќе видиме, ќе процениме како влада, па и како Министерство за здравство дали да го тераме процесот или да се вратиме од почеток и уште еднаш да објавиме тендер за катни гаражи на Клиничкиот центар. Но треба да имаме предвид и дека тоа би траело приближно една година“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.

Од опозицијата бараат итно објавување физибилити студијата според која е распишан тендерот, за да се види дали, како што велат, штетниот договор со „Ѓока констракшн“ бил однапред подготвуван.
Доколку фирмата „Ѓока констракшн“ го добие договорот за јавно-приватно партнерство паркингот ќе поскапи речиси двојно, а од годишниот приход, компанијата ќе треба на државата да и исплаќа само еден посто.
Колоната возила за влез во Клиничкиот центар почнува уште од „Водњанска“. Влезот и излезот се секојдневен проблем. Да се најде паркинг место е среќа. Децениски проблем, без решение, граѓаните се препуштени на снаодливост.

Андријана Ѓурческа