Претседателка

Потпишани указите за отповикување 9 амбасадори

10.03.2025 18:00

Девет амбасадори се враќаат дома. Претседателката Сиљановска-Давкова ги потпиша указите за отповикување. Осуммина заминале на должноста без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието. Една амбасадорка се отповикува редовно поради завршување на мандатот...

Девет амбасади на земјава во светот остануваат празни, оти претседателката Сиљановска-Давкова ги потпиша указите за отповикување на амбасадорите. Главна причина е што не ги испочитувале законските обврски и пред да бидат назначени да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието.

Јакуп Реџепи од Босна и Херцеговина, Џенк Сејфула од Кралството Шведска, Методија Белевски од Големото војводство Луксембург, со седиште во Брисел, Агнеза Руси Поповска од Република Бугарија, Емил Крстески од Чешката република, Пајо Авировиќ од Постојаната мисија при меѓународните организации, со седиште во Виена, Зеќир Рамчиловиќ од Црна Гора, и Катерина Ставреска од Обединетото кралство на Велика Британија и северна Ирска, се отповикани од должност.

Отповикана е и Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа со седиште во Стразбур, поради завршување на мандатот.

Во согласност со донесените укази, должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година.

 

Катерина Топалова