Македонија

Уапсени бизнисмени во истрага за набавка на мазут

10.03.2025 20:45

Попладневно се приведени бизнисмени во истрага за набавка на мазут. Се вршат и претреси во нивните домови. Обвинителството потврди само дека има истрага и приведени за гонење организиран криминал при набавка на горива...

Уапсени бизнисменот и екс-директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски“, и сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски, во истрага за набавка на мазутот за ТЕЦ Неготино. Неофицијално, Капушевски е приведен од неговиот дом, каде полицијата и натаму врши претрес. Полициски извори велат дека станува збор за разоткриена мрежа на увозници кои противзаконски испорачувале гориво со низок квалитет.

„Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, МВР во координација со ОЈО ГОКК по наредба на судија на претходна постапка, врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, велат од МВР.

Надлежните потврдија дека се вршат претреси во рамки на истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал за злоупотреби при набавка на деривати.

„Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава. Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати. Подетални информации ќе бидат споделени во текот на утрешниот ден“, пишува во соопштение на ОЈОГОКК.

Целта на акцијата иницирана од Бирото за јавна безбедност е да се санкционира нелегалната трговија со горива со сомнително потекло, кои содржат високи нивоа на сулфур и тешки метали кои го загадуваат воздухот и почвата.

 

Борис Грујоски