Гренланд

Гренланд денеска гласа за нов парламентарен состав

11.03.2025 10:04

Парламентарни избори во Гренланд. Независноста и ставовите на Трамп островот да стане дел од САД, беа во фокусот на кампањата. Жителите генерално ја поддржуваат независноста, но стравуваат дека ќе бидат искористени од Вашингтон и од Копенхаген.

Гренланд, автономната територија во рамки на кралството Данска, гласа за нов парламентарен состав. Во фокусот на изборната кампања беше независноста и апетитите на американскиот претседател најголемиот остров во светот да стане дел од САД .Според анкетите, 56 насто од жителите ја поддржуваат независноста, 45 проценти се против ако тоа би довело до влошување на нивниот животен стандард.

„Мислам дека Гренланд во моментов не е подготвен да стане независен. Мислам дека Комонвелтот може да се прошири и да стане повеќе рамноправно партнерство меѓу трите земји. Воопшто не гледам дека САД се дел од нас“, изјави жител на Гренланд.

„Мојата претпоставка е дека процентот на гласање би бил поголем овој пат, бидејќи многу луѓе се позагрижени за тоа кој ќе биде избран“, изјави жител на Гренланд.

Подготвени сме да инвестираме милијарди долари за отворање на нови работни места и да ве направиме богати – и ако го изберете тоа, сметајте се за добредојдени како дел од најголемата нација во светот – САД, напиша Трамп на социјалните мрежи во пресрет на изборите. Данскиот институт за меѓународни истражувања, тврди дека повеќето гласачи веќе имаат формирано став за интересот на Трамп и неговата политика кон островот.

„Ние не сакаме да не бидеме 51-та држава. Но, можеме да бидеме најблизок сојузник, исто како што се Маршалските Острови со САД со Пацифичкиот договор“, изјави жител на Гренланд.

Откако ја презеде функцијата, Трамп предизвика бура од реакции по неговите коментари дека не ја исклучува можноста да употреби сила за преземањето на Гренланд. Данска го потсети дека се сојузници во НАТО и блиски соработници. Граѓаните во Нуук стравуваат оти ќе бидат искористени од Вашингтон и од Копенхаген, но велат дека не сакаат да бидат Американци, ниту Данци, сакаат да бидат Грендланѓани.

„Поради Трамп, се обидувам да се погрижам за кого гласам. Тоа е многу несериозно, дури и смешно. Но, неговите континуирани напори се прилично загрижувачки. Но, на крајот ние веруваме во НАТО затоа што сме дел од Данска. Затоа, не веруваме дека има нужно сериозна опасност Америка да го земе Гренланд на сила. Но, загрижувачки е што тој толку многу се фокусира на нас“, изјави жител на Гренланд.

Право на глас на Гренланд имаат околу 40.500 од 57.000 жители. Парламентот брои 31 место, за мнозинство потребни се 16 пратеници. Резултатите од изборите ќе бидат познати утре.

 

Маријана Димовска