Дипломатските активности на Груевски и натаму ги вознемируваат Грците
Активностите на македонскиот премиер Никола Груевски ...

Активностите на македонскиот премиер Никола Груевски и натаму го загрижуваат јужниот сосед. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, во анализа посветена на последниот развој на настаните, весникот „То парон“ го критикува грчкото Министерство за надворешни работи дека нема соодветна реакција на меѓународната кампања што ја воделе македонските власти.
“ Скопје има посебен интерес Атина да го остави теренот отворен за водството на Македонија да прави кампањи со коишто ќе ги промовира своите позиции и ќе ја клевети Грција. Во последниве недели имаше посети на господинот Груевски на Брисел и на Берлин, додека и други официјални претставници на Македонија исто така се движат проактивно за да го убедуваат европското и меѓународното јавно мислење дека одговорноста за недостигот во нивната интеграција во НАТО и неотворањето пристапни преговори со ЕУ е исклучиво поради Атина, која нелегално ја прекршува времената спогодба”, пишува „То парон“ нагласувајќи дека кај грчкото МНР постои целосен недостиг на одговор на оваа кампања и дека сега се справуваат мрзеливо и површно, без директни инцијативи.
„То парон“ пишува и дека досега грчката страна секогаш позитивно ги користела внатрешните конфликти во Македонија, а особено појавата на албанскиот фактор. Но сега, според весникот, тие веќе не се ни обидувале да ги искористат дипломатските интервенции, како што била посетата на американскиот амбасадор Пол Волерс на Тетово. За говорот на американскиот амбасадор во Тетово, кој беше жестоко критикуван во македонската јавност, „То парон“ информира со нескриено задоволство.
“ Дебатата што ја отвори американскиот амбасадор ја поддржува грчката позиција, но од друг агол и конечно забележува дека идентитетот треба да биде поврзан со новото име на државата. И во мултиетничка држава како Македонија, за да се избегнат внатрешни конфликти, треба да се избере моделот на политички идентитет наспроти националниот кој не го карактеризираат етничко-религиозни или културни елементи, туку името на државата ќе понуди нови вредности на заедницата”, се вели во текстот на „То парон“.
Весникот пишува дека овој пристап на американскиот амбасадор е спротивен на аргументите на премиерот Груевски кој ”инсистира дека уставното име на земјата се идентификува со идентитетот на граѓаните и затоа не може да се промени”.
Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина
