Учесниците во американско – украинските разговори оптимисти за постигнување договор
Почна долгоочекуваните разговори за крај на војната во Украина.Тимови на Вашингтон и Киев на преговарачка маса во Џеда, Саудиска Арабија. Двете страни се оптимисти за постигнување компромис, од Кремљ чекаат информација за исходот. И додека се зборува како да запре војната, Москва цел на најголемиот украински напад со дронови. Не запираат и борбите на украинскиот фронт. Во Eвропарламентот дебата за безбедноста и вооружувањето на Европа.

Тимови од Вашингтон и од Киев на разговори во Џеда, Саудиска Арабија за ставање крај на тригодишната војна. Учесниците во американско – украинските разговори се оптимисти за постигнување договор. САД сè уште работат на договор за минерали по неуспешното потпишување во Белата куќа, изјави американскиот државен секретар. Рубио гледа ветување во предлогот на Украина за делумен прекин на огнот. Москва претходно ја отфрли идејата, велејќи дека е обид да се купи време за ново вооружување.
„Возбуден сум поради улогата на Саудиска Арабија. Тие играат одлична улога како посредник. Имаат одлични односи со земјите и мислам дека Саудиска Арабија со текот на времето ќе стане многу поголем сојузник за нас“, изјави Адам Болер, претставник на американскиот претседател.
Во Европарламентот пак, дебата за зголемување на трошоците за одбрана на блокот. Земјите од ЕУ веќе дадоа зелено светло на планот за мобилизирање до 800 милијарди евра за четири години за зајакнување на одбраната на континентот и за помош на Украина. Францускиот претседател Макрон во Париз е домаќин на началниците на генералштабовите на 30 земји од ЕУ и НАТО, меѓу кои Велика Британија и Турција.
„Времето на илузии заврши. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, не во некоја далечна иднина, туку веќе денес. Ни треба европската одбрана сега. Ни треба пред сè поради ситуацијата во Украина. Постои итна потреба да се пополнат празнините во воените резерви на Украина и да се обезбедат цврсти безбедносни гаранции. Но, овој момент на пресметка не се однесува само на Украина, туку на цела Европа и безбедноста на целиот наш континент“, изјави Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија.
И додека за зборува како да запре војната, битките со беспилотни летала не запираат. Москва синоќа беше цел на најмасовниот украински напад. Руските сили одбиле над 300 беспилотни летала, има жртви и повредени.
„Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка под обвинение за тероризам во врска со масовните напади врз московскиот регион од украински беспилотни летала, кои резултираа со жртви и повредени“, изјави Светлана Петренко, портпарол на Рускиот истражен комитет.
На фронтот жестоки борби. Одново нападната Одеса. Украина го зголемува бројот на силите во областа Курск во Русија, потврди украинскиот врховен командант Сирско.
Маријана Димовска
