Поништен тендерот за паркингот во Клиничкиот центар
Албанската компанија „Ѓока Констракшн“ нема да стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар. Тендерот за изградба на катни гаражи е поништен, по низа критики во јавноста. Здравствените власти на маса имаат две опции – да изгради катни гаражи и со паркингот да управува ЈП градски паркинг или службата за општи и заеднички работи. Доколку „Ѓока Констракшн“ го добиеше договорот за јавно-приватно партнерство, паркингот ќе поскапеше речиси двојно, а од годишниот приход компанијата ќе и исплаќаше на државата само еден посто...

Албанската компанија „Ѓока Констрашн“ нема да стопанисува со паркингот на Клинички. Во надминување на деценискиот сообраќајаен метеж, сега во Министерството за здравство се разгледуваат две опции. Катните гаражи да ги изгради и со паркингот да управува ЈП Градски паркинг или Службата за општи и заеднички работи при Клиничкиот центар.
„Јас посакувам Градски паркинзи и јавно го повикувам директорот кога ќе може да дојде, да му понудам да стопанисува со паркингот. Отворени сме за сите политички партии и за јавноста кои имаат идеја како да го решиме проблемот со паркингот и гужвата што се јавува во Клиничкиот центар“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Одговорност и истрага за корупција бара опозицијата. На виделина излегоа докази за скандалозни зделки велат од СДСМ, презентирајќи документи од огласот за тендер. Според опозицијата, Министерството за здравство од самиот почеток се откажало од 99 отсто од приходите, оставајќи и ги на приватната фирма.
„Таравари и Мицкоски свесно решиле паркингот да го предадат на приватна фирма, оставајќи ја државата без приход, додека пациентите ќе плаќаат речиси двојно поскапо паркирање. Ова е јасен доказ дека целата постапка е сомнителна и дека некој од власта дебело профитира од оваа зделка на грбот на граѓаните“, изјави Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
Додека надлежните бараат решение за сообраќајниот метеж на Клинички, граѓаните се препуштени на својата снаодливост, некои и по еден час бараат паркинг место.
Поништувањето на тендерот за јавно – приватно партнерство со албанската компанија „Ѓока Констракшн“ доаѓа по низа критики во јавноста. Доколку се потпишеше договорот, паркингот на Клинички ќе поскапеше речиси двојно, а од годишниот приход, компанијата на државата ќе и исплаќаше само еден насто.
Андријана Ѓурческа
