Фискален совет: Имаме закони за фискални правила, треба да ги применуваме
Земјава пристапува кон фискална консолидација побрзо од планираното, вели министерката Кочоска. Имаме закони за фискални правила и треба да ги применуваме, порачува Советот. Без политичка волја за спроведување, нема гаранција за одговорното менаџирање со јавните финансии. Да се избегнуваат преоптимистички проценки, се пораките од Светската банка и ЕУ …

Фискалната политика година ипол е под лупа на Фискалниот совет. Оценуваат-макроекономските и развојни политики не можат да се потпрат на стратегија која често се менува. Економскиот раст сè уште се стимулира со фискална експанзија, долгот надмина 60 проценти, без ненамирените обврски лани, со ревизијата порасна на околу 65 насто што е согласно со финансиската и буџетската статистика на ЕУ.
До април треба да биде готова Петгодишната фискална стратегија. Министерката Кочоска вели, стручната анализа од Фискалниот совет и мониторирањето на трошењето на државните пари нема да биде дополнителен товар туку ќе ја олесни работата.
Јавниот долг е за 14 насто повисок споредено пред пандемијата, што е резултат на фискалниот дефицит. Воведувањето на фискалните правила без политичка волја за нивно спроведување, не може да гарантира одговорни фискални политики – е ставот на Светска банка.
Реформите во јавните финансии се клучни во евроинтегративниот процес. Да се избегнуваат неодржливи планови за јавните трошоци кои можат да доведат до фискални дисбаланси-порача евроамбасадорот Рокас.
На конференцијата беше потенцирана улогата на фискалните совети кои вршат независен надзор и го следат придржувањето кон фискалните правила.
Преку европските фондови досега во земјава се слеале 13 милиони евра за реформи во јавните финансии.
Александра Велинова
