Свет

Разговори за крај на војната во Украина

11.03.2025 16:22

Почнаа разговори за крај на војната во Украина. Тимови на Вашингтон и Киев на преговарачка маса во Џеда, Саудиска Арабија. Кремљ чека информација за исходот. Во меѓувреме, Москва цел на најголемиот украински напад со дронови …

Ќе дојдеме до договор, став на советникот на Трамп, Валц во Џеда, средиште на светскиот медиумски интерес. Заврши првата рунда од разговорите меѓу Вашингтон и Киев за докрајчување на тригодишниот конфликт во Украина. Украинците предложија прекин на воздушните и морските воени операции. Одново ги побараа безбедносните гаранции. Подготвени сме за оваа цел, но за траен мир потребни се безбедносни гаранции, со американско лидерство и европска поддршка-соопшти емисарот на Зеленски.

„Се разбира, безбедносните гаранции се многу важни затоа што сакаме никогаш повеќе да не се повтори агресијата. Но, сега е неопходно да се разговара за најважното: Како да го почнеме овој процес. Ние сме отворени и сакаме да имаме конструктивен, длабок и пријателски разговори со нашите американски партнери“, изјави Андриј Јермак, шеф на претседателскиот кабинет.

Цел свет ве гледа, не пропуштајте ја шансата, порача полскиот премиер Туск. Предлогот за делумен прекин на огнот прифатлив за САД, но не и за Москва. За Кремљ тоа е купување време за ново вооружување.

„САД, како земја која презема иницијатива во поглед на изнаоѓање начини за мирно решавање на ситуацијата во Украина, ќе ја информира руската страна за резултатите по средбата во Џеда со Украинците. Ова е нормална практика“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во Европарламентот дебата за зголемување на трошоците за одбрана на блокот. Времето на илузии заврши, истакна шефицата на европската комисија.

„Ни треба европската одбрана веднаш. Ни треба поради ситуацијата во Украина. Постои итна потреба да се пополнат празнините во воените резерви на Украина и да се обезбедат цврсти безбедносни гаранции. Но, овој момент на конфликт не се однесува само на Украина туку на цела Европа и безбедноста на континентот“, нагласи Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија.

Се редат средбите посветени на Украина. Во Париз состанок на началниците на генералштабовите на 30 земји на унијата и НАТО.

„Овој состанок е важен, ја поставува основата за безбедносните гаранции, за поинакви размислувања кои нема да ги спомнам, но тие се познати; како ние, европските вооружени сили, можеме да обезбедиме кредибилитет за дипломатските разговори кои, несомнено, ќе се прошират на подолг рок поради искуството од она што се случи и не се почитува“, рече Себастиен Лекорну, министер за одбрана на Франција.

И додека се зборува како да запре војната, битките со дронови не запираат. Москва синоќа беше цел на најмасовниот украински напад со над 300 беспилотни летала. Русија возврати жестоко во Одеса во Херсон.

Бојана Крстевски