Свет

Успешен епилог на преговорите меѓу Вашингтон и Киев

11.03.2025 20:34

Топката сега е на страната на Русија-истакна Рубио. Се надеваат дека ќе кажат да на понудата на Вашингтон.

Успешен епилог по неколкучасовните преговори во Џеда меѓу Вашингтон и Киев. Украина е подготвена да прифати привремен целосен прекин на огнот предложен од САД и да влезат во преговори за завршување на тригодишниот конфликт на траен и одржлив начин-истакна американскиот државен секретар по средбата со украинската делегација во Саудиска Арабија.

Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.

Топката сега е на страната на Русија-истакна Рубио. Се надеваат дека ќе кажат да на понудата на Вашингтон.

Советникот за национална безбедност Мајк Волц вели дека на состанокот биле разгледани детали за тоа како оваа војна ќе заврши трајно и какви гаранции ќе имаат за долгорочна безбедност.

Најави дека во наредните денови ќе разговара со руските колеги, а секретарот Рубио ќе биде со министрите за надворешни работи на Г7.

Договорот за минерали не беше предмет на разговори.