Украина прифати 30-дневен прекин на огнот
Преговорите Вашингтон-Киев во Саудиска Арабија вродија со плод. Украина прифати 30-дневно примирје. Топката сега е на страната на Русија, истакна американскиот државен секретар Рубио. Руското МНР објави дека не исклучува контакти со американски претставници во наредните денови. Европската унија ја поздрави одлуката како чекор до целосен мир...

Успешен епилог по еднодневните разговори меѓу Вашингтон и Киев во Џеда. Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот. Отворена е можноста за завршување на тригодишниот конфликт на траен и одржлив начин, топката е сега на теренот на Русија-истакна државниот секретар на САД.
„Украина е подготвена да престане да пука и да почне да преговара. Оваа понуда ќе им ја пренесеме сега на Русите. Топката е сега кај нив и од нив ќе зависи дали ќе кажат ДА или НЕ за мирот“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Направивме важен чекор, на целиот свет му покажавме дека Украина сака мир – изјави емисарот на Зеленски. Сега останува на САД да ја убедат Русија да се согласи со предлогот, време е за целосна вистина-истакна украинскиот претседател.
„Украина е подготвена за мир, но САД мора да ја убедат Русија да го стори истото. Да ја покаже својата подготвеност да ја прекине војната. Време е за целосна вистина. Ако тие се согласат, прекинот ќе стапи во сила веднаш“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Пред претстојните средби со Русија, Вашингтон со порака-рускиот реципроцитет е клучот за постигнување мир. Шефот на Белата куќа оптимист дека Москва ќе го прифати предлогот.
„Прекинот на огнот е многу важен. Се надеваме дека и Русија ќе се согласи со тоа. Ако ја натераме да го направи тоа, ќе биде одлично. За танго се потребни двајца. Па се надеваме дека Путин ќе се согласи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Москва не исклучува контакти со американските претставници во следните денови-соопштија од руското министерство за надворешни работи. Реакции пристигнаа и од европските лидери-Ова е позитивен чекор, ја повикаа ја Русија да одговори.
„Се чини дека Американците и Украинците направија важен чекор кон мирот. И Европа е подготвена да помогне да се постигне праведен и траен мир“-напиша полскиот премиер Туск на социјалните мрежи.
Претседателката на Европската Комисија фон дер Лајен пак вели-„Ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина“
„ЕУ е подготвена да ја одигра својата целосна улога, заедно со своите партнери, во претстојните мировни преговори“-додава претседателот на Европскиот совет Коста.
По успешниот исход во Џеда, САД решија да го обноват споделувањето разузнавачки информации и безбедносната помош за Украина. Договорот за минерали не беше предмет на разговорите.
Бојана Крстевски
