САД

Стапија во сила царините од 25 насто што САД ги воведе за увоз на челик и алуминиум

12.03.2025 08:36

Претходно Трамп се закани дека ќе ги удвои тарифите за Канада, но се откажа откако премиерот на Онтарио, Даг Форд, рече дека ќе воведе дополнителни давачки за извозот на електрична енергија во САД...

Стапија во сила царините од 25 насто што американскиот претседател Трамп ги воведе за увоз на челик и алуминиум во Соединетите Американски Држави. Претходно Трамп се закани дека ќе ги удвои тарифите за Канада, но се откажа откако премиерот на Онтарио, Даг Форд, рече дека ќе воведе дополнителни давачки за извозот на електрична енергија во САД. Европската унија која има најголем билатерален трговски и инвестициски однос со САД, најави силен одговор со пакет контрамерки во вредност од 26 милијарди евра почнувајќи од април. Реагираа и властите во Австралија, велат дека царините се неоправдани, но нема да возвратат на ударот.

„Нашите контрамерки ќе бидат воведени во два чекора, почнувајќи од 1-ви април, а целосно ќе бидат во сила од 13-ти април. Подготвени сме да се вклучиме во дијалог. Го задолжив комесарот за трговија Марош Шефчович да ги продолжи преговорите и да истражува подобри решенија со САД“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Нивната позиција се зацврсти против исклучоците, и тие јасно ставија до знаење во оваа фаза дека нема да има исклучоци. Значи, ова е глобална тарифа. Сметаме дека тоа е неиспровоцирано и неоправдано и знам дека тоа не е добро за американската економија и не е начин да се однесуваме со пријател и партнер“, изјави Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.