Муртезани: Постепената интеграција во ЕУ: Мост кон одржливи реформи и реални придобивки
Во Министерството за европски прашања се одржа панел-дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“, организирана од Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија и Институтот Жак Делор...

Денес, во Министерството за европски прашања се одржа панел-дискусија на тема „Методологија за проширување: Размена на ставови за концептот на постепена интеграција“, организирана од Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија и Институтот Жак Делор, во соработка со Министерството за европски прашања на Северна Македонија.
Настанот беше отворен со поздравни обраќања од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер. Во своето излагање, министерот Муртезани ја истакна важноста на постепената интеграција како стратешки пристап што носи конкретни придобивки за земјите кандидатки уште во текот на пристапниот процес. Тој нагласи дека новата Методологија за проширување и Планот за раст за Западен Балкан ја засилуваат динамиката на процесот на пристапување преку јасни и структурирани чекори. Тој подвлече дека постепената интеграција претставува суштинска можност за зајакнување на политичките и економските врски меѓу Европската Унија и земјите аспиранти.
Муртезани исто така посочи дека регионалната соработка е клучен елемент на постепената интеграција, нагласувајќи ја улогата на Берлинскиот процес во унапредувањето на инфраструктурата, трговијата и енергетската транзиција. Тој потенцираше дека неодамнешните геополитички случувања ја зацврстуваат потребата од побрза и посуштинска интеграција на Западен Балкан во ЕУ. „ Неодамнешните геополитички случувања, особено руската инвазија врз Украина, уште повеќе ја засилија стратешката важност на проширувањето на ЕУ, нагласувајќи ја потребата за обединета и стабилна Европа.“, заклучи Муртезани.
По завршувањето на воведните излагања, следеше панел-дискусија со учество на експерти од областа на европската интеграција, кои ја анализираа примената на постепената интеграција во поширокиот контекст на европските проширувања.
