Судски совет

Што после интерпелацијата?!

12.03.2025 15:45

И по интерпелацијата, членовите на Судскиот совет се на своите работни места и си ги завршуваат своите обврски. Собранието им изгласа недоверба за нивното вршење на функцијата, ама тие велат дека дале сѐ од себе во своето работење...

И по интерпелацијата, членовите на Судскиот совет се на своите работни места и си ги завршуваат своите обврски. Собранието им изгласа недоверба за нивното вршење на функцијата, ама тие велат дека дале сѐ од себе во своето работење. Премиерот Мицкоски бара да си заминат од функциите што ги заробиле.

„Очекувам најмалку морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, бидејќи јасно кажаа парламентарците, тие коишто ги избраа, дека тие го изгубија целиот кредибилитет. Дека тие повеќе немаат никаков кредибилитет, да бидат на тие места каде што се“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Опозициската СДСМ предупредува да не се прават обиди за партизирање на судската власт, под изговор дека се прават реформи.

„Интерпелациите се грубо кршење на уставниот принцип за владеењето на правото и поделбата на власта. Ова е намера, односно злонамера на власта целосно да ја партизира судската власт. Очигледно е дека немаат никаква намера за вистинска реформа во правосудството базирано на реформска агенда, која значи европски закони и европски фондови за секоја имплементирана реформа“, е ставот на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

Но, за заменик- министерот за правда Деребан, интерпелациите се многу сериозен показател. Членовите придонеле за ниската доверба на граѓаните во судството и повеќе немаат легитимитет да се на функцијата.

Поранешната врховна судијка, Вера Коцо смета дека комисијата за избор и именување може да поведе постапка за нивно разрешување, но дека во случајов, тоа би било проблематично.

Интерпелацијата се однесуваше на пет членови од Судскиот совет-  Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

 

Фиљана Кока