Трансплантација на бубрег чекаат речиси 170 пациенти, годинава се одобрени само пет
Од Здружението на бубржно болни „Нефрон“ велат, проблем е што надлежните годинава одобриле само пет трансплантации. Бараат бројот да не се ограничува, да се извршат колку што ќе се обезбедат бубрези од кадавер.

Пресадувањето на бубрег, спас за многу болни, дијализата макотрпен процес. Вака вели Киро Христов кој повеќе од три години живее со бубрег од починат донор. Сроден дарител чекал осум години.
„Маката е голема, секој втор ден зависиш од машините, одиш на чистење на крвта. Еднаш ме повикаа, но ништо не излезе од тоа. Вториот успешно беше и се чувствувам многу добро“, вели Киро Христовски, трансплантиран пациент од починат дарител.
Трансплантацијата од починат донор чекаат речиси 170 пациенти. Од Здружението на бубржно болни „Нефрон“ велат, проблем е што надлежните годинава одобриле само пет трансплантации. Бараат бројот да не се ограничува, да се извршат колку што ќе се обезбедат бубрези од кадавер.
„На тој начин ќе го растеретиме буџетот на Фондот затоа што дијализата е скапа процедура, само за споредба една трансплантација чини колку дијализата за еден пациент годишно“, изјави Душко Ѓоргиевски – претседател на здружението „Нефрон“.
„Ќе направиме максимален напор да ја поддржиме клиниката, колку е потребно, толку да се направат трансплантации. Нека има можност, Фондот ќе излезе финансиски во пресрет“, изјави Сашо Клековски – директор на Фондот.
Од Клиниката за нефрологија со став, листата постојано се обновува, потребно е поголема свесност за дарување бубрег.
„Денеска ја работиме втората трансплантација, се надевам ќе имаме успешен исход. Да се надеваме дека програмот ќе живее понатаму како што треба, бидејќи знаете осцилира зависно од вољата од тие што имаат во фамилијата немили случки, зависи и од религиозни работи“, изјави д-р Гоце Спасовски – Клиника за нефрологија, раководител за трансплантација.
Бубрежно болните побараа на позитивната листа да се стават и нови лекови за пациентите на дијализа, но и за трансплантираните.
Во земајва на дијализа одат повеќе од 1.600 пациенти. Доколку болеста навреме се открие, лекарите велат може да се превенира. Најчести причини за појава на бубрежните заболувања се зголемениот крвен притисок и дијабетесот.
Андријана Ѓурческа
