Во сила царините за увоз на челик и алуминиум, ЕУ со контрамерки
Царините на Трамп од 25 насто за увоз на европски челик и алуминиум во САД, стапија во сила. Раката на Унијата останува подадена за договор, тарифите не му носат никому добро.

Стапија во сила царините на Трамп од 25 насто за увоз на европски челик и алуминиум во САД. Како одговор ЕУ најави реципрочни тарифи за американски стоки во вредност од 26 милијарди евра. Раката на Унијата останува подадена за договор, тарифите не му носат никому добро.
„Нашите контрамерки се силни и пропорционални. САД воведоа тарифи од 28 милијарди долари, ние им одговараме со контрамерки од 26 милијарди евра. Нашите тарифи ќе почнат на први и целосно ќе се воведат на 13 април“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Од царините ќе бидат засегнати индустриски и земјоделски производи.
„На први април ги реактивираме економските мерки од 2018-та и 2020-та, тарифите се наменети за американски извоз од 4,5 милијарди евра. Второ, комисијата презема решителни контрамерки за пакет американски извоз од 18 милијарди евра. Сево ова може да се избегне доколку постигнеме договор со САД“, изјави Марош Шефчович, европски комесар за трговија и економска безбедност.
„Ако оваа трговска војна продолжи, се разбира, тоа ќе влијае на европските потрошувачи. Затоа, и покрај громогласните најави, продолжуваме да преговараме со американската администрација“, изјави Софи Примас, портпаролка на француската влада.
Австралија смета дека одлуката на Трамп е неоснована, но нема да возвратат со царини. Според Лондон, сите опции се отворени. Јапонија најави разговори. Од кинеското МНР обвинија за кршење на правилата на Светската трговска организација.
„Очигледно, како и сите други, и јас сум разочаран. Преговараме за економски договор кој опфаќа и ќе вклучува тарифи. Сите опции се на масата“, изјави Кеир Стармер, премиер на Велика Британија.
„Разочарувачки е што и покрај барањата на Јапонија да биде изземена, воведени се дополнителни тарифи. Јапонија и САД решија да ги продолжат разговорите“, изјави Јошимаса Хајаши, главен секретар нa јапонската влада.
Европските тарифи се однесуваат на американските бродови, бурбонот и на мотоциклите. Во САД инфлацијата достигна речиси три насто на годишно ниво.
Маријана Димовска
