Ново рочиште за двојното убиство на Вања и Панче, обвинетиот Велибор Манев откри детали од грозоморните убиства
Ново рочиште за двојното убиство, второобвинетиот Манев во Кривичниот суд сведочеше за плановите околу грабнувањето и убиствата на Вања и Панче. Вели - ни беше кажано дека треба да грабнеме ќерка на фармацевтски бизнисмен, не знаев дека е дете. Обвинителството со став дека дал различен исказ во истрагата...

Не знаевме дека е дете. Палевски ни кажа дека ќе грабнеме 40-годишна жена, ќерка на фармацевтски бизнисмен, а од земениот откуп ќе поделиме по 150 илјади евра. Ова е дел од исказот на обвинетиот Велибор Манев кој пред судот објасни како се убиени Вања и Панче. Кобното утро провалиле во влезот на зградата и во заседа ја чекале да излезе од лифтот. Ја ставиле во вреќа за спиење, и ги врзале рацете и нозете и ја пикнале во багажникот од цитроенот на Жежовски. Се одвезле до месноста „оризова дупка“, а кога го отвориле багажникот сфатиле дека е дете.
„Палевски ја праша како се вика и кои и се родители. Ни нареди да ја симнеме од возилото за да направи фотографии со кои може да бара откуп од семејството. Девојчето цело време беше мирно. Кога му реков да ја пуштиме, ми рече да не се секирам, дека ќе поделиме пари. И пријде и преку перниче со пиштол ја застрела во главата“, изјави Манев.
Манев сведочеше дека неколку дена претходно Палевски го застрелал и велешанецот Панче Жежовски. Иако првичната идеја била да го грабнат, за да му го одземат возилото, сепак кога го однеле во дупката што ја ископале, Палевски го усмртил пукајќи му во главата.
На наредното рочиште, останатите обвинети ќе имаат можност да му постават прашање на Манев преку вкрстено испрашување.
Анита Димитријевска – Велковска
