реакции

По одлуката Јаховски да оди во куќен притвор, Обвинителството и судот си ја префрлаат топката

12.03.2025 18:13

По одлуката осомничениот во истрагата за набавка на мазут, Јаховски да оди во куќен притвор, Обвинителството и судот си ја префрлаат топката. А премиерот Мицкоски вели дека е шокиран од постапката и однесувањето на шеф на обвинителство, ќе мора да одговараат сите што се богателе врз грбот на граѓаните...

По одлуката осомничениот Јаховски во случајот со набавката на мазутот за ТЕЦ „Неготино“ на кој му е изречен домашен наместо ефективен притвор, Обвинителството и судот си ја префрлаат топката. Од Обвинителството на Абази велат дека побарале притвор, но судија на претходна постапија ги земал предвид семејните и бизнис прилики. Сè уште не поднеле жалба.

„Во образложението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, дека е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација“, се вели во соопштението од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Од скопскиот Кривичен суд тврдат дека обвинителот дал амин за да се изрече куќен притвор.

Премиерот Мицкоски за случајот не сака да коментира.

„Па, видете, јас не би ги коментирал одлуките на судот. Тоа сум го кажал многупати во минатото. Довербата во судството е таква каква што е. Јас тука немам што да додадам. Секој оној што се огрешил пред законот ќе одговара, јас тоа сум го кажал многупати во минатото, без разлика за кого станува збор, да почекаме истрагата да заврши и дури откако ќе заврши истрагата можеме да коментираме кои се сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети. До тогаш ќе се држиме до она до коешто Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност го соопштија на јавноста“, изјави Христијан Мицкоски, премиер на РС Македонија.

Социјалдемократите побараа ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали интервенирале за преправање на решението во куќен притвор за сопственикот на „Пуцко петрол“.

„Јасно е зошто има само куќен притвор за осомничениот Асмир Јахоски, од „Пуцко петрол“. Старо-новата коалиција на ДПМНЕ и ДУИ очигледно си функционира одлично“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Судија на претходна постапка му одреди 30-дневен притвор на Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати и на уште две лица опфатени со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. 

Марина Стојанова-Тонева