Свет

Успешен епилог по преговорите Вашингтон – Киев, Украина прифати 30-дневен прекин на огнот

12.03.2025 19:02

Украина прифати едномесечно примирје, на потег е Русија. Москва во моментов со воздржани тонови. ЕУ ја поздрави одлуката за прекин на огнот во надеж дека ќе се постигне целосен мир. По разговорите во Саудиска Арабија, состојбата на фронтот непроменета, борбите не мируваат …

Успешен епилог по еднодневните разговори меѓу Вашингтон и Киев во Џеда. Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот. Отворена е можноста за завршување на тригодишниот конфликт на траен и одржлив начин, топката е сега на теренот на Русија-истакна државниот секретар на САД.

„Сега сите со нетрпение го очекуваме и рускиот одговор и ги повикуваме да размислат за завршување на сите непријателства за луѓето да престанат да умираат, куршумите да престанат да летаат и така да може да започне процесот за наоѓање постојан мир“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Сега останува на САД да ја убедат Русија да се согласи со предлогот, време е за целосна вистина-истакна украинскиот претседател.

„Дали сме подготвени за прекин на огнот или примирје? Донесовме конкретна одлука и рековме да. Прашањето е дали руската страна ќе биде подготвена за ова. Јас отворено кажав дека верувам во тишина на небото и тишина на море – тоа ни е јасно во однос на мониторингот. Но, ако секаде е молк, имајќи предвид со кого си имаме работа и го имаме искуството од минатите години, тогаш е неопходна техничка помош“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефот на Белата куќа оптимист дека Москва ќе го прифати предлогот.

„Се надеваме дека и Русија ќе се согласи со тоа. Ако ја натераме да го направи тоа, ќе биде одлично. За танго се потребни двајца. Па се надеваме дека Путин ќе се согласи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Москва не исклучува контакти со американските претставници во следните денови.

„Имаме и планирани контакти со Американците деновиве, при што очекуваме да добиеме целосни информации за деталите од преговорите. Не ја исклучуваме можноста и за телефонски разговор на највисоко ниво“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Реакции пристигнаа и од европските лидери-Ова е позитивен чекор, ја повикаа ја Русија да одговори. По успешниот исход во Џеда, САД решија да го обноват споделувањето разузнавачки информации и безбедносната помош за Украина. Договорот за минерали не беше предмет на разговорите.

 

Бојана Крстевски