Путин ги постави условите за преговори
Русија им ги претстави на САД барањата за преговори за крај на војната во Украина и за нормализирање на билатералните односи. Трамп се надева на позитивен исход без да има потреба од притисок, иако не ја исклучи и таа можност.

Американска делегација на разговори во Москва го претставува договорот од Џеда за прекин на огнот на кој претходно се согласи Украина. Трамп се надева на позитивен исход без да има потреба од притисок, иако не ја исклучи и таа можност.
„Се надеваме на прекин на огнот од страна на Русија. Тоа би било 80% од патот што води до крај на оваа ужасна војна. Има работи што би можеле да се направат што не би биле пријатни во финансиска смисла за Русија. Но, не сакам да го правам тоа затоа што сакам да постигнам мир. Се надевам дека Путин ќе го прифати договорот“, изјави Доналд Трамп- претседател на САД.
Во исчекување на официјален одговор од Кремљ, медиумите пишуваат дека САД веќе добиле список на барања од Русија. Иако е нејасно што точно има во него, изворите велат дека во основа тоа се истите барања кои Москва веќе им ги поставила на Украина:
„Запирање на западната воена поддршка, меѓународно признавање на анектираните територии, признавање на рускиот јазик, култура и црква и нивно враќање во животот на Украина“.
Киев, пак, претходно соопшти дека не се согласува на територијални отстапки во идните мировни преговори. Зеленски повторно повика да се изврши притисок врз Русија осврнувајќи се на тековните дипломатски напори да се стави крај на војната.
„Продолжуваме со нашите дипломатски напори да ги обезбедиме неопходните услови за да извршиме притисок врз Русија и да постигнеме вистински мир што е можно поскоро. Треба да се движиме кон безбедносни гаранции. Подготвени сме брзо да работиме со нашите партнери. Клучот е способноста на нашите партнери да се осигурат дека Русија нема да измами, туку вистински ќе стави крај на војната“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Истовремено, руските сили продолжуваат со офанзивата во Курската област. Кремљ тврди дека потиснувањето на украинските сили веќе е во завршна фаза откако претседателот Путин првпат го посети командниот центар во регионот барајќи целосно ослободување на областа во најкус можен рок. Предложи формирање безбедносни зони на границата.
„Наша задача e во најкус можен рок да го победиме непријателот, кој влегол на територијата на регионот Курск и сè уште спроведува воени операции овде. Целосно да ја ослободиме територијата и да ја вратиме ситуацијата на линијата на државната граница“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Киев возврати дека борбите во Суџа продолжуваат и дека ќе се борат колку што е потребно. Европските министри за одбрана по состанокот во Париз, ветија заедничка помош во обезбедувањето прекин на огнот и мир во Украина. Зајакнувањето на стариот континент и натаму приоритет.
„Трамп многу жестоко не потсети дека нашите нации мора да учествуваат во нивната одбрана. Затоа Европа одлучи да инвестираме повеќе. Мислам дека веќе на состанокот на НАТО во јуни ќе пристигнеме со зголемени инвестиции и на европско и на национално ниво бидејќи разбравме дека тоа е приоритет за безбедноста на нашите нации и демократии“, изјави Гвидо Крозето – министер за одбрана на Италија.
Францускиот министер за одбрана изјави дека околу 15 земји се заинтересирани за евентуално испраќање безбедносни сили во Украина доколку конфликтот запре за да се одврати секоја идна руска агресија. Франција и Британија најавија нова средба во ист состав за две недели. Тековната поддршка за Киев пак, тема на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите Г-7 во Канада.
Бојана Крстевски
