Сиљановска- Давкова на Глобален форум во Баку
Претседателката Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 12-от Глобален форум во Баку насловен „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности“...

Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова во Баку, Азербејџан, учествува на 12-от Глобален форум. Темата на која разговараат актуелни и поранешни шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации и на граѓанското општество е „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности“.
Сиљановска Давкова оцени дека Глобалниот форум во Баку изминативе години прерасна во една од најважните меѓународни платформи и ги адресира најважните регионални и глобални прашања. Ова, нагласи претседателката, е особено важно во оваа 2025 година, за која некои очекуваат да биде пресвртна.
Од ден на ден имаме сѐ повеќе прашања, а сѐ помалку одговори. Светот станува многу поразлично место. Мултилатерализмот отстапува пред мултиполаризацијата. Растечкото геополитичко ривалство го ослабнува системот за колективна безбедност. Обединетите нации се маргинализирани тогаш кога ни се најпотребни. Консензусот по Втората светска војна се доведува во прашање. Како да живееме на почетокот на една нова ера во која се поткопува меѓународниот систем втемелен на правила, рече Сиљановска- Давкова.
Форумот го отвори азербејџанскиот претседател Илхан Алијев кој оцени дека овој настан станува значајна меѓународна платформа на глобалната агенда.
Сигурен сум дека форумот и учесниците ќе донесат нови идеи и предлози особено што форумот се случува по драматичните геополитички промени – рече Алијев.
Тој порача дека фокусот на нивната агенда е на обновливите извори на енергија за што ќе го зајакнат производство.
Од Баку известува Мартин Пушевски
