Русија им ги претстави на САД барањата за преговори за крај на војната во Украина
Светот во исчекување на рускиот одговор за привременото примирје во Украина. Американски тим на разговори во Москва. По билатералните средби, ќе формираме став-информираа од Кремљ. Зеленски повторно повика да се изврши притисок врз Русија за да се стави крај на војната. Трамп се надева на позитивен исход …

Американска делегација на разговори во Москва го претставува договорот од Џеда за прекин на огнот на кој претходно се согласи Украина. Трамп се надева на позитивен исход без да има потреба од притисок, иако не ја исклучи и таа можност.
„Се надеваме на прекин на огнот од страна на Русија. Тоа би било 80% од патот што води до крај на оваа ужасна војна. Има работи што би можеле да се направат што не би биле пријатни во финансиска смисла за Русија. Но, не сакам да го правам тоа затоа што сакам да постигнам мир. Се надевам дека Путин ќе го прифати договорот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Кремљ ја потврди средбата додавајќи дека веќе оствариле контакт со американскиот советник за национална безбедност Валц. Одговорот за американскиот предлог ќе го дадат по разговорите-додаде Песков.
„Контактите се веќе остварени. Вчера имаше телефонски разговор меѓу Валц и Ушаков. Одредени информации и беа доставени на руската страна. Што се однесува до одговорот, откако ќе ги добиеме информации од преговорите, не преку печатот, туку преку билатерален дијалог, тогаш ќе формулираме став“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во исчекување на официјалниот одговор од Москва, медиумите пишуваат дека САД веќе добиле список на барања од Русија. Изворите велат дека во основа тоа се истите барања кои Москва веќе им ги поставила на Украина:
Запирање на западната воена поддршка, меѓународно признавање на анектираните територии, признавање на рускиот јазик, култура и црква и нивно враќање во животот на Украина.
Киев, пак, претходно соопшти дека не се согласува на територијални отстапки во идните мировни преговори. Зеленски повторно повика да се изврши притисок врз Русија за ставање крај на војната.
„Продолжуваме со нашите дипломатски напори да ги обезбедиме неопходните услови за да извршиме притисок врз Русија и да постигнеме вистински мир што е можно поскоро. Треба да се движиме кон безбедносни гаранции. Подготвени сме брзо да работиме со нашите партнери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Истовремено, руските сили продолжуваат со офанзивата во Курската област. Потиснувањето на украинските сили веќе е во завршна фаза-информираше Кремљ откако Путин првпат го посети регионот барајќи целосно ослободување на областа во најкус можен рок.
„Наша задача e во најкус можен рок да го победиме непријателот кој влегол на територијата на регионот Курск и се уште спроведува воени операции овде. Целосно да ја ослободиме територијата и да ја вратиме ситуацијата на линијата на државната граница“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Киев возврати дека борбите во Суџа продолжуваат и дека ќе се борат колку што е потребно. Европските министри за одбрана, пак, по состанокот во Париз ветија заедничка помош во обезбедувањето прекин на огнот и мир во Украина. Зајакнувањето на стариот континент и натаму останува приоритет. Тековната поддршка за Киев – тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите Г-7 во Канада.
Бојана Крстевски
