Канада со нови строги даноци за американските производи
Почна трговската војна меѓу САД и Европската унија. И Канада го возвраќа ударот. Воведуваат нови даноци за увоз на палета американски производи. Американскиот претседател се закани дека ќе одговори на одмазничките тарифи воведени од Европа и од Канада. Мексико пак одлуката ќе ја донесе по телефонскиот разговор на претседателката Шејнбаум со Трамп...

Почна трговската војна меѓу САД и Европската унија. И Канада го возвраќа ударот. Воведуваат нови даноци за увоз на палета американски производи. Американскиот претседател се закани дека ќе одговори на одмаздничките тарифи воведени од Европа и од Канада. Мексико пак одлуката ќе ја донесе по телефонскиот разговор на претседателката Шејнбаум со Трамп.
Се засилува трговската војна во светот. По Европската унија и Канада го возвраќа ударот. Воведуваат нови даноци за увоз на палета американски производи, почнувајќи од храна, алкохолни пијалаци, живина до текстил и компјутерска опрема, сервери и железо.
„Канада не е таа што ги зголемува трошоците за вашите намирници или за вашиот бензин. Канада не е таа што ја става на ризик вашата работа, ниту пак, таа што ја почнува оваа војна. Тарифите на претседателот Трамп го предизвикуваат тоа. Нема можни победници во трговска војна. Испратете ја оваа порака до Белата куќа“, порача канадската министерка за надворешни работи на Канада Мелани Џоли.
За одмазднички трговски напад се подготвува и Мексико, но сепак оставаат простор за американско-мексиканските преговори пред да се донесе конечната одлука.
„Она што ќе го направиме, покрај средбата со производителите на челик и алуминиум во нашата земја, е да го чекаме 2 април-датумот кога го договоривме телефонскиот разговор со претседателот Трамп. Ќе почекаме до 2 април за да одлучиме дали ќе воведеме реципрочни тарифи“, Клаудија Шејнбаум, претседателка на Мексико.
Американскиот претседател Трамп се закани дека ќе одговори на одмаздничките тарифи воведени од Европа и од Канада.
„Како што знаете, ние ќе направиме реципрочни тарифи за Европската унија, бидејќи нема ништо пофер од ова. Имавме проблем и со Онтарио, но откако им кажав што ни е намерата со тарифите, тие разбраа и веднаш ја вратија струјата, бидејќи со тоа не смееме да си играме, тоа влијае на животот на луѓето“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Претходно, Европската унија воведе контра мерки откако сад наметна 25 проценти царини за увоз на челик и алуминиум. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека за наметнатите американски тарифи кои се во вредност од 28 милијарди долари се воведуваат реципрочни царини за САД од 26 милијарди евра. Стапуваат на сила од први април годинава.
Маја Стојанова
