Мицкоски: Последниот браник и штит на криминалот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од сегашните судии и обвинители
Партиски луѓе не треба да има во судството, изјави денеска премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со интерпелација на Судскиот совет...

Партиски луѓе не треба да има во судството, изјави денеска премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со интерпелација на Судскиот совет и барањето на оставка на државниот обвинител Коцевски.
„Последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите меѓу кои е именуваното лице за коешто вие сега зборувате. Најголемиот дел би рекол 95% од обвинителите и судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, коишто обвинуваат и судат според закон и Устав. Но, за жал има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари и коишто ценат дека кога ќе ја облечат тогата наместо да заборават на партиските привилегии и оние коишто ги предложиле таму, тие се уште се верни слуги на истите коишто на времето ете бидејќи такви се законите и процедурите ги предложиле да бидат таму каде што се“, изјави Мицкоски.
Премиерот го потенцираше однесувањето на еден обвинител којшто наместо да биде заштитник на владеењето на правото, одбрал да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада.
„Посебно би го потенцирал однесувањето на еден обвинител од пред неколку дена којшто одлучи наместо да биде обвинител и заштитник на владеењето на правото и правдата да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада“, објасни Мицкоски.
