Евроинтеграции

Мицкоски: Не може да дозволиме европската иднина да зависи од билатерални прашања

13.03.2025 15:25

По вчерашните изјави на евроамбасадорот Рокас и премиерот Мицкоски за прашањето Скопје-Софија, дека јавноста и политичарите слушнаа многу изјави, но не и дела, денеска реагираше бугарското МНР. Велат дека премиерот Мицкоски демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд…

Бугарија реагира на ставовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој бара дела во спроведувањето на одлуките на Стразбур и признавање на македонскиот јазик, култура и посебност. По реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи, Мицкоски вели-жалам што новиот министер заборава дека добрососедските односи се темелна вредност. Не може да дозволиме европската иднина да е зависна од билатерални прашања.

„Наша цел е да градиме добрососедски односи, но кога станува збор за вистината тогаш сме тука истата да ја коментираме и доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е тоа. Јас би се повикал на меѓународното право, Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и тука не можам да одбегнам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија, кое се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права да го реализира“, изјави премиерот Мицкоски.

Потсетуваме дека европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од сите земји-членки на ЕУ и Скопје, останува валиден патоказ за напредокот на соседната земја во нејзиниот пристапен процес-пишува во соопштението на бугарското МНР.

„Зачудувачки е што обврските преземени од Република Северна Македонија од страна на нејзиниот премиер се доживуваат како „мешање во нејзините внатрешни работи“. Ваквите предлози ги сметаме за уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи“, велат од бугарското МНР.

Со жалење констатираме дека нашиот сосед повторно се обидува одговорноста за неисполнувањето на нивните меѓународните обврски да ја префрли врз нашата држава-контра одговор на македонското МНР.

„Политиката на условувања и неосновани обвинувања е непринципиелна пречка на евроинтегративниот пат на нашата држава и не придонесува за градење добрососедски односи, туку напротив – создава непотребни тензии кои не одговараат на европскиот дух на соработка“, велат од Министерството за надворешни работи.

Коментарите од двете страни уследија по изјавата на европратеникот Вајс кој рече дека со заеднички потпис на Европарламентот, Европската комисија и Бугарија може да се гарантира дека влезот во Уставот на Бугарите би било последно билатерално барање од источниот сосед кон нас.

Евроамбасадорот Рокас, пак, најави во следните месеци доаѓање на европски челници во земјава и дека со македонската влада напорно работат на отворените прашања. Рокас со порака-додека сè се реши, сработете ги реформите.

Миле А. Ристески