ОЈО ГОКК бара затворски притвор за Асмир Јахоски
Обвинителството за организиран криминал поднесе жалба за куќниот притвор на Асмир Јахоски. Бара затворски. „Пуцко Петрол“ за две години со државни институции склучил договори во вредност од над 61 милион евра.

Oсновното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бара затворски притвор за сопственикот на „Пуцко петрол“. Поднесена е жалба на решението на Кривичниот суд, за Асмир Јахоски кој доби куќен притвор и мерка на претпазливост, одземање на патна исправа и забрана за издавање нова. Од Обвинителството сметаат дека била направена суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара кривичниот совет да ги преиспита фактите. Кривичниот суд сметал дека Јахоски е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена, за што доставил документација.
МТВ истражуваше колку тендери реализирала фирмата „Пуцко петрол“ само во 2023 и 2024 година. Според официјалните податоци на Бирото за јавни набавки се реализирале повеќе тендери во вредност над 61 милион евра, за набавка на нафта за државните институции, јавните претпријатија и општините.
Во меѓувреме политичките партии продолжуваат со меѓусебни обвинувања. СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ подобро е да молчи кога станува збор за „Пуцко петрол“ и за Ратко Капушевски. Јавноста според социјалдемократите знае дека тоа е бизнис изроден во времето кога ДПМНЕ и ДУИ беа коалиција.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ треба да го погледне својот двор и да ги остават надлежните да се грижат за граѓаните.
Игор Панов
