Минималец

Проекции за минималната плата

13.03.2025 16:30

А минималната плата ќе се крои идната недела. Премиерот вели дека ќе прифати се она што ќе се договорат страните на Економско-социјалниот совет.

Не се доволни ни 500, ни 1.000 евра минималец, можеби треба 2.000 евра и тука немам никаква дилема, вели премиерот и остава простор да се договорат работодавците и синдикатите. Христијан Мицкоски рече дека во втората половина на март треба да се одржи нов состанок на Економско-социјалниот совет. Ако нема поинаков договор, минималната плата во април ќе биде 24.400 денари.

Премиерот рече дека обезбедиле 250 милиони евра за стопанството, во Европа најевтин кредит со каматна стапка од 1,95%, за да бидат зачувани работните места, но и да се креираат нови. Планот е да се реализираат 10.000 вработувања.

Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка инсистирале на зголемување на старосната граница за пензионирање, но Владата одлучила да ги заштитат правата на работниците и граѓаните.

Македонија сега има за 8,5% поголеми приходи, за 3,5% помали расходи во буџетот во јануари годинава, но и раст на кредитирањето од 11,7%.

 

 

Борис Грујоски