ССМ

Разидувања меѓу синдикалците

13.03.2025 16:52

Поранешниот претседател на ССМ, Живко Митрески тврди дека има законска основа да се врати на челната позиција меѓу синдикалците. Денеска во јавноста излезе со судски пресуди, врз основа на кои тврди дека се доволни за враќање на претседателската позиција. Го обвини Трендафилов за незаконски отпуштања на синдикалци и создавање хаос во Синдикатот. Актуелниот претседател со реакција дека тој е легитимно избран, а ваквите обвинувања нема да го поколебаат во борбата за работничките права.

Со судски пресуди за враќање на челната позиција меѓу синдикалците – експретседателот Митревски тврди дека има законска основа повторно да ги претставува работниците. За неспроведување на пресудата го обвини актуелниот претседател Трендафилов, за кој вели незаконски отпушта синдикалци и создава хаос.

„Тој не ја спроведе пресудата и на крајот на краиштата направи кривично дело казниво по член 373 став 1 од кривичниот закон на Република Македонија неизвршување на судска пресуда. Имено според овој закон, јасно се утврдува дека доколку службеното лице кое добило судска пресуда поврзана со враќање на работник доколку не ја спроведе запретана е казна од една година затвор“, изјави Живко Митревски – поранешен претседател на ССМ.

Актуелниот претседател на ССМ, Трендафилов вели дека сите правни постапки за смена на Митревски се завршени правосилно. Делегатите на конгресот и членовите на ССМ одлучиле дека тој не е достоен да ја извршува функцијата, бидејќи ги распродавал работничките интереси. Додава дека ќе ја продолжи борбата за работнички права и зголемувањето на минимална плата.

„Кривични постапки пред Основното јавно обвинителство и пред Вишото јавно обвинителство ги има изгубено и со истите е потврдено дека тогаш легитимна е промената на тој човек со нов претседател на Сојузот на синдикатите и тие се документи кои се правосилни и потврдуваат негова легитимна смена. Тој сега има исполнето повеќе од 64 годишна возраст и веројатно е легитимен да биде претседател на Сојуз на здруженија на пензионери“, изјави Слободан Трендафилов – претседател на ССМ.

Синдикалните превирања доаѓаат во момент кога се крои минималната плата, која треба да се исплаќа од април. Според Митревски, Трендафилов се согласил на лоша методологија за пресметка. Тој пак, тврди дека Митревски воопшто не се борел за работничките права.

Продолжуваат препукувањата кој е легитимен претставник на работниците. Поранешниот претседател на ССМ се повикува на пресуда во негова корист, додека актуелниот тврди дека тој ја има довербата од членството.

 

 

Андријана Ѓурческа