Украина

Путин се согласува со договорот од САД

13.03.2025 20:24

Рускиот претседател се согласува со американскиот предлог за прекин на непријателствата, но вели дека треба да се одговори на многу прашања. Кој ќе го контролира примирјето, дали украинските војници ќе го предадат оружјето во Курск, прашува шефот на Кремљ – изјавата на Путин ветува, но не е целосна, се надевам дека Русија ќе ја направи вистинската работа, рече Трамп. Зеленски претходно потенцираше дека не се согласува на територијални отстапки во идните мировни преговори.

Русија во принцип се согласува со предлогот на САД за прекин на огнот, но условите треба да се разработат, став на шефот на Кремљ. Прашањето е што ќе се случи во текот на 30 дена прекин на огнот, дали тоа ќе и овозможи на Украина да продолжи со присилната мобилизација, снабдувањето со оружје, кој би го надгледувал прекинот на огнот?, праша Путин.

Според него, треба да се развие механизам за контрола на можните прекршувања на примирјето.

„Се согласуваме со предлозите за прекин на непријателствата, но тргнуваме од фактот дека овој прекин на огнот треба да биде таков што ќе доведе до долгорочен мир и ќе ги елиминира првобитните корени на оваа криза“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Американска делегација на разговори во Москва по договорот постигнат со Киев во Џеда за прекин на огнот. Украинскиот претседател Зеленски соопшти дека не се согласува на територијални отстапки во идните мировни преговори.

„Продолжуваме со нашите дипломатски напори да ги обезбедиме неопходните услови за да извршиме притисок врз Русија и да постигнеме вистински мир што е можно поскоро. Треба да се движиме кон безбедносни гаранции. Подготвени сме брзо да работиме со нашите партнери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефот на Белата Куќа се надева дека Путин ќе го прифати договорот.

„Се надеваме на прекин на огнот од страна на Русија. Тоа би било 80% од патот што води до крај на оваа ужасна војна. Има работи што би можеле да се направат што не би биле пријатни во финансиска смисла за Русија. Но, не сакам да го правам тоа затоа што сакам да постигнам мир. Се надевам дека Путин ќе го прифати договорот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Тековната поддршка за Киев – тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите Г-7 во Канада.

„Мирот и стабилноста се на врвот на нашата агенда и со нетрпение очекувам да разговараме за тоа како можеме да продолжиме да ја поддржуваме Украина во лицето на агресијата на Русија“, изјави Мелани Џоли, министерка за надворешни работи на Канада

Истовремено, руските сили продолжуваат со офанзивата во Курската област. Киев возврати во Суџа ќе се борат колку што е потребно.

 

 

Маријана Димовска