Славниот тенор Пласидо Доминго вечер настапува во Скопје
Вечерашниот оперски концерт ќе има два дела. Првиот ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.

Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго вечер во 21 часот ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“. Со него ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија.
Вечерашниот оперски концерт ќе има два дела. Првиот ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.
Концертот го организира Македонската опера и балет со „Прагма продукција“, а со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго, е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
