Во Македонија радиоактивноста во рамки на нормалата
Нивото на радиоактивност во Македонија е во рамките на нормалното. Дирекцијата за радијациона сигурност секојдневно ја проверува радиоактивноста на почвата, воздухот и водата во Македонија...

Светот се уште ги чувствува последиците од хавариите од нуклеарките во Чернобил и Фукушима. 28 години по катастрофата во Чернобил, за 2.000 пати се зголемија канцерогените заболувана во Украина.
Радијацијата од јапонската Фукушима се излеа во Тихиот Океан и стигна до западниот брег на Америка, па не се препорачува консумирање на конзерви туна произведени по 2012-та година.
Бомбардирањата на НАТО со осиромашен ураниум врз Србија и Косово оставија последици врз произведената храна во овие држави.
„Ваквите хаварии, како онаа во Чернобил, или онаа што се случи скоро, се штетни во секој поглед. Се создаваат радиоактивни облаци кои со дождовите повторно се враќаат на земјата, и тие радиоактивни изотопи кои ги има таму, растенијата ги земаат бидејќи не ги разликуваат од оние нерадиоактивните“, објаснува деканот на Природноматематичкиот факултет, Ицко Ѓоргоски.
Нивото на радиоактивност во Македонија е во рамките на нормалното. Дирекцијата за радијациона сигурност секојдневно ја проверува радиоактивноста на почвата, воздухот и водата во Македонија.
„Досегашните мерења и анализи не покажале зголемени вредности на радиоактивност, во воздух, вода, почва или на било кое друго место. Не постојат периоди во текот на годината кога радијацијата е поголема или помала“, изјави директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност, д-р Нузи Шахин.
Радиоактивноста во Македонија никогаш не била над дозволеното ниво, но инциденти и на 1.000 километри од земјава влијаат врз радиоактивното ниво.
Затоа е потребно редовно да се следи и информира јавноста за радиоактивноста.
Ирина Гелевска
