Украина

Киев и Москва ги „исцртаа“ црвените линии

14.03.2025 11:57

Киев и Москва ги исцртаа црвените линии за постигнување договор за прекин на војната. Според избори од преговарачкиот тим, Украина не се откажува од членството во НАТО. Путин пак вели дека Русија е за примирје, ама има и едно големо „но“...

Украинскиот претседател ги повика сојузниците да го зголемат притисокот врз Русија и да воведат дополнителни санкции. Откако шефот на Кремљ изјави дека се согласува со предлогот за прекин на огнот, но има одредени прашања, Зеленски истакна дека Москва поставува услови и нема намера да запре со борбите.

„Слушнавме многу предвидливи и многу манипулативни зборови од Русија како одговор на идејата за прекин на огнот на фронтот. Путин, се разбира, се плаши директно да му каже на претседателот Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да убива Украинци“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Изјавата на Путин е ветувачка, но нецелосна. Шефот на Белата Куќа вели дека има добри сигнали од Русија во врска со предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во Украина.

„Ако добиеме мировен договор, договор за прекин на огнот, тоа навистина ќе доведе до мир. И мислам дека ако претседателот Путин се согласи на прекин на огнот, тогаш ќе бидеме во многу добра позиција да го завршиме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Советникот за надворешни работи на рускиот претседател, Ушаков, изјави дека Путин во Кремљ ќе се сретне со специјалниот претставник на САД, Виткоф.

„Кога претседателот ќе даде сигнал за почеток на разговорите со Виткоф, тогаш тој ќе биде поканет во Кремљ и ќе се сретне со претседателот. Засега разговараме за суштината на новиот стратешки курс меѓу САД и Русија, но пред да продолжиме кон него, Американците сакаат да го прекинат конфликтот во Украина и јасно го изразуваат својот став по ова прашање“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател Путин.

Руското Министерство за одбрана објави видеоснимка за која тврди дека е од преземањето на уште едно село во регионот Курск. Русија вчера соопшти дека ја презела целосната контрола над Суџа, град во Курската област кој беше заземен од украинските војници непосредно по офанзивата во Август изминатата година.

 

Маријана Димовска