Украина

Кремљ: Неопходен е разговор меѓу Трамп и Путин

14.03.2025 15:59

САД и Русија имаат разбирање за предлогот за прекин на огнот во Украина, неопходен е разговор меѓу Трамп и Путин, објави Кремљ. Надежните за примирје во изгледаат неизвесни откако претседателот Путин рече дека сака прекин на огнот, но наведе голем број прашања кои треба да се одговорат. Украинскиот претседател Зеленски рече дека одговорот на Путин е манипулативен и повика на повеќе санкции.

Вашингтон и Москва имаат разбирање. За предлогот за 30 дневен прекин на огнот во Украина, неопходен е разговор меѓу Трамп и Путин, објави Кремљ. Русија потврди дека специјалниот пратеник на шефот на Белата Куќа, Виткоф, се сретнал со рускиот претседател Путин за време на неговата посета на Москва.

„Се разбира, има основа за „внимателен оптимизам. Ја слушнавте особено важната изјава на претседателот Путин вчера, кога одговарајќи на прашање од новинарите, тој рече дека ја поддржува позицијата на претседателот Трамп за планот за договорот, но потенцираше некои прашања на кои треба да се одговори. Да, има уште многу што треба да се направи. Сепак, претседателот се согласува со ставот на Трамп“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ

Надежите за примирје во Украина со посредство на САД изгледаат неизвесни откако претседателот Путин наведе голем број услови потребни за Москва да размисли за примирје.

Шефот на Кремљ праша: „Како ќе се искористат тие 30 дена? За Украина да се мобилизира? Да се вооружи? Да обучи луѓе? Или ништо од тоа? Тогаш, прашањето е – како тоа ќе се контролира? Кој ќе даде наредба да престанат борбите? По која цена? Кој ќе одлучи кој го прекршил примирјето на над 2.000 километри фронт?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека одговорот на Путин е манипулативен и повика на повеќе санкции кон Русија за да се изнуди договор.

„Слушнавме многу предвидливи и многу манипулативни зборови од Русија како одговор на идејата за прекин на огнот на фронтот. Путин, се разбира, се плаши директно да му каже на претседателот Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да убива Украинци“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Русија можеби ќе мора да прифати европски мировници во Украина, додека Киев би можел да биде принуден да отстапи територии и да се откаже од надежите за членство во НАТО, посочува американскиот советник за национална безбедност, Волц. Американскиот претседател Трамп, го нарече одговорот на Путин добредојден, ветувачки, но нецелосен.

„Ако добиеме мировен договор, договор за прекин на огнот, тоа навистина ќе доведе до мир. И мислам дека ако претседателот Путин се согласи на прекин на огнот, тогаш ќе бидеме во многу добра позиција да го завршиме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во меѓувреме, и Русија и Украина објавија нови напади на непријателски беспилотни летала. Руското Министерство за одбрана објави видеоснимка за која тврди дека е од преземањето на уште едно село во регионот Курск. Русија вчера соопшти дека ја презела целосната контрола над Суџа, град во Курската област кој беше заземен од украинските војници непосредно по офанзивата во Август изминатата година.

 

Маријана Димовска