Здравство

Се бара проширување на услугите во аптеките

14.03.2025 13:05

65% од пациенти со дијабетес кои примаат терапија немаат регулиран шеќер, констатирале спроведените анализи во аптеките. Фармацевтите бараат да им се овозможи да вршат дел од здравствените услуги, во системот „Мој термин“ да има графа каде што ќе можат да дадат препорака дали има потреба за менување на лекот и ако недостига некој лек да го известат матичниот доктор...

65% од пациентите со дијабетес кои примаат терапија немаат регулиран шеќер, покажуваат податоците на фармацевтите откако еден ден во аптеките спровеле мерење на шеќер во крвта на граѓаните. Ова ја наметнува потребата да се прошири листата на здравствени услуги кои можат да се добијат во аптеките, бидејќи не секогаш терапијата дава резултат. Би се намалиле турканиците кај матичните лекари доколку во системот „Мој термин“ фармацевтите добијат графа каде што ќе можат да напишат дали има потреба за менување на лекот и зошто.

Во Хрватска, како и во западно-европските земји во аптеките освен мерење на притисок и шеќер во крвта се даваат лепеза на здравствени услуги со кои се намалува метежот во лабораториите и амбулантите.

„Може да направиме тест за црп, во петок попладне ако детето ни крене температура да можеме да видиме дали мора да одиме на дежурен лекар или може дома да го лекуваме со парацетамол. Имаме тестови за црн дроб, за ротавирус, стафилокока во грло, тоа е вообичаена практика во современите здравствени системи. И нашите податоци порано покажуваа исто што и вашите 50 проценти од дијабетичарите со терапија имаа нерегулиран шеќер“, изјави проф. Д-р Аријана Мештровиќ од Хрватска.

Лекарската комора во земјава дава поддршка за воведување на ваквиот третман на пациентите.

Фармацевтите во „Мој термин“ би можеле да напишат доколку има недостиг од некој лек за да не се враќа пациентот по неколку пати, кај матичниот и во аптека.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски