Србија

Утре масовен протест во Белград

14.03.2025 17:22

Врие во Белград. Ден пред најавените масовни протести, анонимна дојава за поставени бомби создаде паника. Сопрен железничкиот сообраќај во сите правци. Српската полиција во состојба на готовност, во очекување е да се соберат стотици илјади граѓани.

Студенти, средношколци, професори, граѓани, со илјадници пешачат со денови од сите краеви на Србија кон Белград на големиот протест во сабота на повик на студентите за исполнување на нивните барања. Се очекува денес тие пристигнат во Белград на најголемиот протест во историјата на Србија, со стотици илјади граѓани.

Но, за разлика од протестите во Ниш, Нови Сад и Крагуевац, во фокусот на овој протест е безбедноста. Студентите сакаат протестот да заврши пред Собранието.

Тука Вучиќ постави од утринава трактори. Медиумите емитуваат тајни снимки на опозицијата дека сака насилно да ја заземе РТС. Возовите од денес не сообраќаат поради дојави на бомби. Тој ги повика студентите што го поддржуваат да го напуштат кампот на еден ден, оти не може да им ја гарантира безбедноста и во 18 часот ќе се обрати на јавноста.

Собранието е затворено, а првиот спикер Ана Брнабиќ во врска со тајните снимки изјави дека тие покажуваат да опозицијата, невладините организации и студентските пленуми заедно јасно и недвосмислено планирале државен удар и насилство, што беше демантирано и од опозицијата и од ректоратот и од студентите.

„Моето прашање денес е до професорите, деканитеректорскиот колегиум, проширениот ректорски колегиум и најважно до ректорот Ѓокиќ, кои во име на Универзитетот во Белград учествуваа во обидот за воен удар, поттикнување државен удар, граѓанска војна во Република Србија и убиство на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ-која е улогата на Универзитетот во Белград во планирањето на државниот удар и воениот удар?“праша Брнабиќ.

Пред тоа најави дека ќе стави крај на протестите, и најави дека опозицијата ќе прави насилство.

И додека студентите и граѓаните повикуваат на мирни протести, дека ова нема да биде „Ден Д“ протест – ќе продолжат и понатаму со барањата, ќе постават нови барања со ултиматум за генерален штрајк од понеделник.

Оливер Бранковиќдописник од Белград за МРТ