„Светот што го избрав“ од Калина Малеска е Роман на годината за 2024-та
Во образложението на жирито се вели дека станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори.
Романот „Светот што го избрав“ на писателката, професорката и книжевната преведувачка Калина Малеска (1975), во издание на „Или-или“, е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, која се доделува по 26-ти пат, од страна на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Во образложението на жирито се вели дека станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори.
Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага.
„Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере. Во таа смисла романот на годината би требало да го има во секој дом, во секоја лична библиотека, но и во секоја безбедна соба, институција и катче каде што човек прибегнува по помош или совет како да се продолжи понатаму кога се чини дека тоа е невозможно. Одлично напишан, со длабока човечка порака, „Светот што го избрав“ на Малеска е вистински избор за „Роман на годината“, стои во образложението на жири-комисијата во која членуваа Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева.
Малеска е писателка, професорка, книжевна преведувачка. Работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Малеска исто така преведува книжевни дела.
Во најтесниот избор за наградата, годинава влегоа и двата романи од 43 пристигнати: „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“), и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).
Наградата на добитничката ќе и биде врачена во средината на мај годинава.
