Подготвителна седница за Законот за јазици на 20-ти март, ДУИ предупредува за политичка криза
Уставните судии и експертите ќе разменуваат мислења за 6-те спорни правни прашања поврзани со Законот за јазиците. Подготвителната седница е закажана за 20-ти март. Интегративците на Ахмети во нов обид да ја минираат седницата. Велат, Уставниот суд ги поткопува темелите на рамковниот договор...

Уставните судии и експертите ќе разменуваат мислења за 6-те спорни правни прашања поврзани со Законот за јазиците. Подготвителната седница е закажана за 20-ти март. Ќе дојде и потпретседателот на Венецијанската комисија Мартин Кујер, како и меѓународниот експерт за малцински права Артурс Кучс. Нема да бидат изоставени ниту домашните експерти по уставно право и судии. Целта, како што вели претседателот на судот Дарко Костадиновски е да расчистат дилемите, по што судијата известител ќе срочи нов реферат кој ќе се најде на посебна седница. За Законот за јазиците се поднесени 12 иницијативи. Кои се спорните прашања, не се открива.
Интегративците на Ахмети во нов обид да ја минираат седницата. Велат, Уставниот суд ги поткопува темелите на рамковниот договор.
„Апелираме до сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад“, велат од ДУИ
Од ДУИ претходно најавија дека ќе поднесат интерпелации за уставните судии, но за највисокиот суд во земјава овој потег е неуставен. Им порачаа да не манифестираат политичко дивјаштво, затоа што не може да се прејудицира каква одлука ќе донесе судот.
Анита Димитријевска – Велковска
