Македонија

Мицкоски: Членовите на Судски совет ако не постапат соодветно на одлуката, може да им се случи народ

14.03.2025 17:01

Мал дел од судиите и обвинителите се последниот браник на СДСМ и ДУИ. Пратениците кои ги гласаа им испратија порака и доблесно и чесно е да си заминат, вели премиерот Мицкоски. Додаде дека ако не постапат соодветно на одлуката, може да им се случи народ и дека ја имаат неговата поддршка …

Мал дел од судиите и обвинителите се последниот браник на СДСМ и ДУИ. Пратениците кои ги гласаа им испратија порака и доблесно и чесно е да не прават трикови и да си заминат, вели премиерот Мицкоски. Тераат инает, но ако не постапат соодветно на одлуката, може да им се случи народ. Граѓаните се желни за правда, тој вели лично ќе им се придружи. Шефот на Владата не смета дека со ваквите изјави врши притисок врз судската власт.

Премиерот Мицкоски не ја коментираше пишаната изјава на известувачот на европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, во која тој оцени дека повикот од владата да поднесат оставки членови на судскиот совет е „притисок и загрижувачки знак за политичко мешање во судството“. Вели треба и Европската унија и известувачот да го забележат и напредокот – според „Економист“ не сме повеќе хибриден режим.

Пред три дена пратениците изгласаа интерпелации за петтемина членови на Судскиот совет кои ги назначува Собранието. Тие сами по себе не значат заминување, но се прв чекор за средување во судството, смета власта.

Александра Спировска