Бесплатно со воз: Студентите секој четврток, пензионерите секој втор викенд

06.08.2014 15:20

Со нова одлука на Владата се овозможува и поевтино патување за 50 проценти од вредноста на билетот за сите ученици и студенти во текот на целата година...

Бесплатен е железничкиот превоз за студентите секој четврток во месецот. Со нова одлука на Владата се овозможува и поевтино патување за 50 проценти од вредноста на билетот за сите ученици и студенти во текот на целата година. Младите лица, пак, не постари од 27 години, ја користат можноста за бесплатно ползување на железничкиот превоз секој трет викенд во месецот.

„Секој студент го приложува својот студентски индекс, или студентската легитимација и добива специјална легитимација, односно билет од страна на Македонски железници, којшто може понатаму да го користи во текот на секој нареден четврток“, изјави портпаролот на Владата,  Александар Ѓорѓиев.

Но, покрај младите, и возрасните лица, жените над 62 и мажите над 64 години, ги користат поволностите за бесплатен превоз. Со прикажување на документ за самоидентификација на билетарниците на македонска железница тие добиваат бесплатен билет со вклучено осигурување за сите линии во внатрешниот промет на железничкиот сообраќај, за вториот викенд во месецот.

„Во малите места каде на самите железнички станици не постојат благајни, каде што по логика би се вадел овој билет, истата можност може да се искористи и по качувањето во возовите, со прикажување на документот за самоиндентификација на кондуктерот“, додаде Ѓорѓиев.

Владата на Република Македонија и Македонски железници се задоволни од досегашниот тек на проектот. Во вториот викенд од јули 1.500 возрасни лица патувале бесплатно, најчесто од Скопје кон Велес, Прилеп и Битола, и 3.500 млади лица до 27 години, од внатрешноста кон Скопје.

 

Лука Андреев