Кривичниот суд ја преиначи одлуката, Асмир Јахоски оди во притвор
Кривичниот суд попладнево соопшти дека ја преиначил одлуката со која сопственикот на компанијата Пуцко петрол, Асмир Јахоски, кој е осомничен во истрагата за набавка на нафтени деривати за потребите на државата, беше упатен во куќен притвор. Одлуката доаѓа по жалба на Обвинителството.

На Јахоски му е определен 30-дневен притвор и тој треба да биде спроведен во затворот во Шуто Оризари.
„Мерката куќен притвор, определена со решение на судија на претходна постапка се преиначува и се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека истиот може да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци.
Донесеното решени е доставено до странките во постапката и добиено е известие од надлежната полициска станица дека лицето е обезбедено и спроведено во Истражниот затвор Скопје. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“ се вели во соопштението на Кривичниот суд.
Судот и Јавното обвинителство, претходно, неколку дена јавно се објаснуваа кој ја предложил првичната мерка – куќен притвор.