Охрид

Се очекуваат нови археолошки откритија во Самоиловата тврдина

15.03.2025 11:16

Годинава продолжуваат археолошките истражувања во Самоиловата тврдина кои минатата година беа насочени кон откривање на средновековната некропола. Археолозите очекуваат нови откритија,а овој пат истражувањата ќе имаат меѓународен карактер,бидејќи на експертите од охридскиот Завод и музеј ќе им се приклучат врвни археолози од Обединетото Кралство и од Германија...

Иако минатата година во фокусот на истражувањата на археолозите во Самоиловата тврдина беше откривањето на средновековната некропола, на нивно изненадување беа пронајдени и доцно антички гробници од 4-5 век, уникатни по својата конструкција.се очекува истражувањата да се продлабочат, бидејќи има индиции дека под слоевите земја во тврдината на виделина ќе излезат нови откритија.

„Очекуваме нови откритија во насока кон запад во контекст на откривањето на остатоци од мозаик. Значи „опус те салатум“, коишто беа откриени во 2023-та.Паралелно со ова откриени беа неколку ѕидови коишто имаат апсидална форма и делови од фрескоживопис. Само со тоа даваат за мислење дека овие објекти продолжуваат некаде на овој простор“, вели Анатоли Арнаудоски, археолог во Завод и музеј Охрид.

Истражувањата годинава ќе имаат меѓународен карактер, бидејќи на нашите археолози ќе им се приклучат истакнати експерти од универзитетот Оксфорд, универзитетите за археологија од Бирмингем и Саутхемтон од Обединетото Кралство и универзитетот Гете од Германија.

„Овие колеги се истакнати во својата струка, сигурен сум како и досега ќе имаме размена на мислења, на искуства и сите ќе имаме придобивки, посебно студентите кои доаѓаат со нив и за прв пат ќе се сретнат со ваков тип истражување“, додава Анатоли Арнаудоски, археолог во Завод и музеј Охрид.

Археолозите годинава ќе истражуваат и на локалитетите Манчевци и Љубаништа каде што беше откриена ранохристијанска базилика, заедно со средновековна црква и вила рустика со пропратни елементи.

Сашо Нелоски