Украина

Трамп оптимист за постигнување договор за прекин на огнот во Украина

15.03.2025 12:01

Трамп верува дека постојат реални шанси за спроведување на предлогот за 30-дневен прекин на огнот во Украина. И францускиот претседател Макрон ја повика Русија да го прифати договорот за прекин, предложен од САД...

Американскиот претседател Трамп оптимист по средбата на претставникот Виткоф со рускиот претседател Путин во Москва. Верува дека постојат реални шанси за спроведување на предлогот за 30-дневен прекин на огнот во Украина.

„Мислам дека работиме одат добро. Како што слушнавте од Украина, мислам дека сега ни оди добро и со Русија. Разговаравме со рускиот претседател Путин. Сакаме да ја завршиме оваа војна“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

И францускиот претседател Макрон ја повика Русија да го прифати договорот за прекин на огнот, предложен од САД. Истакна дека ќе продолжат да работат за зајакнување на поддршката за Украина и постигнување за цврст и траен мир. Соопшти дека телефонски разговарал со украинскиот претседател Зеленски и со британскиот премиер Стармер.

„Денес работи дипломатијата, многу преговори кои можат да го доближат мирот. На маса е американскиот предлог за безусловен прекин на огнот на небото, на море и на фронтот. Украина ја прифаќа оваа понуда и оттука можеме да почнеме брз процес кон загарантирана безбедност, кон крајот на оваа војна и кон траен мир“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Британскиот премиер Стармер, пак, во пресрет на денешниот виртуелен состанок на светските лидери посветен на Украина предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин „не е сериозен во врска со мирот“. Пред состанокот на кој се очекува да учествуваат 25 лидери, Стармер порача дека не смее да му се дозволи на Путин да „игра игри“ со предлогот за прекин на огнот што го даде американскиот претседател Трамп. Британскиот премиер ги повика сојузниците да ѝ понудат безбедносни гаранции на Украина.

Маја Стојанова