Образование

Идните студенти се запознаа со можностите кои ги нудат универзитетите на Саемот за образование

15.03.2025 15:26

Министерката за образование и наука со порака до идните академски граѓани - самостојно, според талентот да изберат каде ќе го продолжат образованието. Идните студенти се запознаа со можностите кои ги нудат универзитетите на Саемот за образование...

За седум години околу седум илјади студенти заминале од универзитетите во земјава. Министерката за образование и наука со порака до идните академски граѓани - самостојно, според талентот да изберат каде ќе го продолжат образованието. Факултетите да ги модернизираат студиските програми, а компаниите да ја отворат вратата за да можат студентите да стекнат вештини и да останат на пазарот на труд во својата земја. Идните студенти се запознаа со можностите кои ги нудат универзитетите на Саемот за образование.

„Го промовираме македонското високо образование, имаме изложено само универзитети кои функционираат во нашата држава, затоа што сакаме да ги поттикнеме нашите студенти повеќе да ги одбираат домашните високо образовни установи“, изјави Ѓоше Николовски од „Студентарија“.

„Младите треба да останат во нашата земја и затоа саемот на образование им овозможува да го изберат она за продолжување на образование што го сакаат и што им е потребно“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Наставниот кадар и оние кои веќе се студенти на некои од факултетите, со поттик кон матурантите – зошто нивниот факултет е најдобар.

„Нашите програми се нови, акредитирани ги правиме во согласност со најсовремените меѓународни универзитети, нудиме многу пракса. Многу можности кои ги развиваат видиците и нудиме вистинско знаење во областа на бизнисот и економијата“, изјави проф. Катерина Тошевска Трпчевска од Економскиот факултет.

„Филозофскиот факултет располага со исклучително посветен кадар. Се работи по студиски програми кои се направено во согласност со европската и светската пракса“, изјави проф. Оливер Бакревски од Филозофски факултет.

„Најголема цел на студентите што се запишуваат на нашиот факултет е тоа што понатаму ќе се грижат за здравјето на луѓето. Тоа е услов за напредок на општеството“, изјави проф. Д-р Марија Цветановска од Медицинскиот факултет.

На саемот присуствуваа повеќе од 90 факултети.

Матуранти се пред одлука за својата кариера. Дел од нив се решиле за професијата која сакаат да ја учат, други сè уште се двоумат. Идните студенти може да се запознаат со студиските програми на факултетите.

 

Андријана Ѓурческа