трагедија

Веста за трагедијата во Кочани одекна низ регионот и низ светот

16.03.2025 11:47

Веста за трагедијата во Кочани одекна низ регионот и низ светот. Си-Ен-Ен и Би-Би-Си известуваат за немилиот настан. Во неверување и регионот...

Жртви во пожар во дискотека во Македонија“, „Десетици повредени“-веста за трагедијата во Кочани одекна низ регионот и низ светот. Си-Ен-Ен и Би-Би-Си известуваат за несреќата.

„Пожарот избувнал во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, јавуваат локалните медиуми. Видеото од внатрешноста на местото покажува како бенд настапува додека пиротехничките средства исфрлаат искри на предниот дел на бината. Искрите стигнуваат до таванот и го палат“, пренесува Си-Ен-Ен. „Тежок и тажен ден“-ББС ја пренесува пораката на премиерот Мицкоски. Известува за концертот на познатиот бенд „ДНК“.

„Околу 1.500 луѓе присуствувале на концертот на ДНК, популарно хип-хоп дуо во земјата, кога избил пожарот. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека покривот на зградата е зафатен од пламен“, стои на страницата на ББС.

Пожарот најверојатно е предизвикан од „пиротехнички средства“ употребени за време на концерт-пишува „Франс 24“, потсетувајќи на трагедијата од пред четири години во Тетово. „Страшна и незапаметена трагедија“ – пренесува „Ал Џезира“.

Во неверување и регионот. Насловните страници на РТС и на ХРТ осамнаа со трагичната вест. „Голем пожар во Кочани – 51 лице загина, 18 повредени се во критична состојба“, стои во насловот на РТС.

„Повеќе од 150 лица се повредени и префрлени во болниците во Штип и Скопје. 18 лица се во критична состојба. Сопственикот на дискотеката и организаторите на концертот се уапсени. Истрагата за причините за пожарот е во тек“, пишува РТС.

Порталот на српски „Телеграф“ од минута во минута ги пренесува случувањата од Македонија.

„Претажно и незамисливо“-известува српски „Блиц“ пренесувајќи ги пораките на македонските познати личности.

Во трагедијата во Кочани што ја потресе земјава и светот десетици луѓе го загубија животот, а над стотина се повредени.

Бојана Крстевски