Невремето предизвика штети на тутунот и градинарските култури
Силно невреме со град синоќа го зафати прилепско Тополчани. Водата навлегла во домовите, а тутунот и градинарските култури уништени над 50 –ина хектари. Земјоделците сфаќаат дека е неминовно да се осигура родот. Државата субвенционира 60 насто во премијата...

Невреме со силен дожд и град синоќа по 19 часот го зафати прилепско Тополчани. Поплавени куќи и уништен род на тутун и градинарски култури.
Жителите цела ноќ стравувале.
„Многу лошо. Ужасно. Се исплашивме. Водата дома ни влезе. Цела ноќ дежуравме“, вели Киро Мицески, жител на Тополчани.
Градот уништил речиси целосно род со тутун и градинарски култури на десетици хектари
„Тутунот е оштетен сто насто. Јас сум четиричлено семејство, регистриран индивидуален земјоделец. Какоќе живеам со четиричлена фамилија“, вели Миле Крстески, тутунопроизводител.
Земјоделците ги сумираат зафатените површини со невремето
„Во тополчанско има околу 50 хектари зафатени со летни култури: било тутун, пченки, бавчи. Ќе пријавиме дека има зафатено, да излезе комисија“, вели Ацо Мицески, претседател на месната заедница на Тополчани.
Невремето не ги поштеди дел земјоделци во Тополчани, општина Прилеп. Дали нестабилното лето ќе ги убеди земјоделците повеќе да го осигуруваат родот?
Осигурувањето на родот станува неминовност.
„Треба да се осигура. Оти, ако не се осигура производството, не можеш од никого да му бараш отштети. Мојот пипер од корен е поништен“, вели Славко Пројчески, земјоделец.
Зо осигурувањето, државата покрива 60 насто од премијата.
Елизабета Митреска
