Трагедија во Кочани

Бугарскиот патријарх со сочувство за трагедијата во Кочани

17.03.2025 09:47

Патријархот Даниил го увери својот брат дека православните христијани во Бугарија се молат со сето свое срце за упокојување на душите на починатите, за утеха на нивните најблиски и за брзо закрепнување на сите повредени.

Бугарскиот патријарх г.г. Даниил, вчера остварил телефонски разговор со архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во кој поглаварот на Бугарската православна црква изразил најискрено сочувство по повод трагичниот настан во Кочани во кој загинаа над 50 лица, а над 150 се повредени.

Патријархот Даниил го увери својот брат дека православните христијани во Бугарија се молат со сето свое срце за упокојување на душите на починатите, за утеха на нивните најблиски и за брзо закрепнување на сите повредени. Болката и страдањето што во овој момент ги доживуваат нашите браќа и сестри од Северна Македонија се во исто време и наша болка и наше страдање, истакнал бугарскиот патријарх, соопшти Бугарската патријаршија.

Архиепископот Стефан, се посочува, им се заблагодарил на православните христијани од братската Бугарска православна црква за нивното сочувство и молитви во овој трагичен момент за цела Северна Македонија.