Повредени пациенти од Кочани префрлени во Белград
Седумнаесет тешко повредени пациенти од Кочани се префлени во Србија. Во најтешка состојба еден пациент на механичка вентилација, двајца се на интензивна нега …

Девет пациенти кои се здобија со тешки телесни повреди во пожарот во Кочани, се хоспитализирани во Ургентниот клинички центар на Србија, додека седум пациенти се примени на Воената медицинска академија (ВМА). Една жена на возраст од 45 години со изгореници на телото е во Клиничкиот центар во Ниш, хируршки е третирана и се наоѓа во стабилна состојба.
Дванаесет од нив синоќа со авион на војската на Србија се префрлени во Белград.
„Повредите со кои се здобиле пациентите се главно изгореници, кои зафаќаат меѓу два и 28 отсто од површината на телото, а повеќето пациенти покажуваат симптоми на оштетување поради отровните гасови произведени за време на пожарот. Исто така, некои од повредените имаат изгореници на горниот респираторен тракт, поради вдишување топол воздух. Тешко е да се процени прогнозата кај пациенти со изгореници, особено кога постои компонента на оштетување на респираторниот систем. Прогнозата ќе се кристализира во наредните денови“, изјави д-р Милан Стојичиќ директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетскиот клинички центар на Србија.
Меѓу пациенти, мнозинството се помлади, на возраст меѓу 18 и 35 години. Двајца пациенти се на одделението за интензивна нега, а еден од нив е на механичка вентилација поради тешките изгореници на дишните патишта, што го прави најтешко болен пациент во моментов.
Поради трагедијата во Кочани, утрешниот ден во Србија е прогласен за Ден на жалост.
Бројни граѓани доаѓаат пред македонската амбасада да палат свеќи.
Оливер Бранковиќ
