Регион

Хоспитализираните во Софија се во тешка состојба, а дел од пациентите треба да одат во Хрватска

17.03.2025 13:59

Осум пациенти, повредени во пожарот, се хоспитализирани во универзитетската болница „Пирогов“ во Софија. Сите се во тешка состојба. Меѓу нив има тројца малолетници. Хрватскиот премиер Пленковиќ и министерката за здравство Хрстиќ потврдија дека тешко повредените пациенти од пожарот во ноќниот клуб во Кочани во среда ќе пристигнат на лекување...

Вкупно осум пациенти, повредени во пожарот, се хоспитализирани во универзитетската болница „Пирогов“ во Софија. Сите се во тешка состојба. Меѓу нив има тројца малолетници – две девојчиња и едно момче, додека останатите се на возраст од 22 до 31 година. Хрватскиот премиер Пленковиќ и министерката за здравство Хрстиќ потврдија дека тешко повредените пациенти од пожарот во ноќниот клуб во Кочани во среда ќе пристигнат на лекување на Клиниката за трауматологија во Загреб.

„Хеликоптерите на Министерството за одбрана ќе преземат четворица пациенти – тоа е договорот со македонските власти. Вчера, штом дознав за оваа вест, му се јавив на македонскиот премиер и мојот пријател Христијан Мицкоски, и му изразив сочувство во името на целата влада и хрватскиот народ. Ова е навистина огромна трагедија“, изјави Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска.

„Во тек се технички подготовки за прием на двајца тешко и две полесно повредени лица. Планот е тие да бидат хоспитализирани во Клиниката за трауматологија во Загреб, која е поврзана со болничкиот центар специјализиран за изгореници. Дополнително, имаат и достапна банка за ткиво, односно напредни методи на лекување и затоа исклучиво ја номиниравме оваа институција“, изјави Ирена Хрстиќ, министерка за здравство на Хрватска.

„Првичната процедура ќе биде да се утврди степенот на изгорениците и какви било дополнителни повреди што можеби се случиле за време на самиот настан, и да видиме што направиле нашите колеги во Македонија. Ова се многу сложени пациенти, за кои е потребен многу персонал, опрема“, изјави Тихана Магдиќ Турковиќ, доцент, Клиничка болница „Сестрите на милосрдието“.